ВМРО-ДПМНЕ: Владата работи во насока Македонија да биде земја со стабилен енергетски сектор
- ВМРО-ДПМНЕ нагласија дека Владата работи во насока Македонија да биде земја со стабилен енергетски сектор во реакција на денешната прес-конференција на портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска на која побараа од Владата итно укинување или намалување на ДДВ-то за струја и парно.

Скопје, 8 февруари 2025 (МИА) - Владата работи во насока Македонија да биде земја со стабилен енергетски сектор, реагира ВМРО-ДПМНЕ на денешната прес-конференција на портпаролката на СДСМ на кој беше побарано итно укинување или намалување на ДДВ-то за струја и парно.
-Низата погрешни политики на СДС ја откочија спиралата на раст на цените од кои граѓаните и ден денес ги трпат последиците. Класично лицемерие и уште еден од низата на обиди за манипулација со граѓаните од истата СДС која ги осиромаши граѓаните и го уништи животниот стандард. СДС го зголемија ДДВ на прехранбени производи од 5 отсто на 10 отсто и денес апсурдно е да сугерираат за намалување на истото. Eнергетскиот сектор во Македонија во време на СДС беше на дното, СДС народните пари ги трошеле недомаќински. СДС нема право да зборува за енергетика кога во време на СДС фирми основани од Димитар Ковачевски и негови семејни врски вртеа милионски суми во енергетскиот бизнис. Единствен проект во енергетиката на СДС беше тоа што сопругата на Ковачевски доби државно земјиште за фотоволтаици од неговата влада. Матните тендери и милионски грабежи во енергетскиот сектор од страна на СДС се чувствуваат и денес, се вели во пишаната реакција на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата потенцираат дека во однос на сметките за струја, Регулаторна комисија ги повикала сите домаќинства кои добиле повисоки сметки за струја да поднесат приговор во ЕВН поради корекција.
Посочија дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ работи на привлекување на странски инвестиции во енергетскиот сектор.
-Уште во првите 100 дена Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ најави ветерен парк кој ќе се гради на тромеѓето на Штип – Радовиш- Карбинци- инвестицијата која ќе достигне до 500 милиони евра. ВМРО-ДПМНЕ работи во насока Македонија да биде земја со стабилен енергетски сектор, преку низа на мерки и проекти, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.фф/ев/
Фото: МИА Архива